Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзархат во Македонија на Велики Четврток 2014

Свештенство – Свештеничко служење 

„Правете го тоа на Mој спомен!“ (Лука 22,19)

 Драги браќа свештеници!

Влегуваме во светата Тродневница славејќи го таинството на Христовите страданија, смрт и воскресение. Тие таинства секогаш имаат особено значење за нас свештениците, бидејќи, токму по изборот на својата служба поставени сме во служба на Божјиот народ да низ тие таинства ги водиме славејќи ги литургиските обреди. Трајно се сеќаваме на Исусовото завештание од Последната вечера „Правете го тоа на мој спомен“. Во воспоставувањето на Пресветата Евхаристија, воспоставен е свештеничкиот чин. Чудесна е таа поврзаност од салата на Последната вечера, во која и сега се враќаме послушни на Исусовите зборови: Од сè срце сакав да ја јадам оваа пасха со вас (Лука 22,15). Како да го слушаме Неговиот збор кој љубезно нѐ повикува како пријатели со него заедно да ги заземеме своите места за пасхалната трпеза. Не ве наречувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели (Иван 15,15). Денес, така собрани навистина се чувствуваме привилегирани како пријатели. Ние, Неговите денешни пријатели, ја враќаме сцената на Исусовата средба со неговите ученици. Беше тоа средба на врвот на Неговата целосно предана љубов, а во исто време и драматичен час на разделба, да им покаже, а преку нив и нам да ни го покаже достоинството на свештеничката служба. Пред самата вечера ја одложува својата горна облека се запашува со престилка и како вистински домаќин им ги изми нозете. Самиот го прокоментира тој свој час: Вие Ме наречувате Учител и Господ; и право велите, бидејќи Јас сум таков. Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете (Иван 13,13-14) Денес е наша најголема духовна потреба да се почувствуваме Исусови пријатели. Секојдневните грижи и задачи кои често ги надминуваат нашите физички и психички сили не оставаат уморни и во едно чувство на осаменост. Една од современите „болки“ на свештеникот е чувството на напуштеност. Во времето на воспоставувањето на оваа света Тајна Исус јасно ни прозбори дека нѐ има најблиску во своето срце и дека е дури и најголема навреда да се биде малодушен и да се почувствуваме од него оддалечени. Не, драги браќа, Христос е пријател на свештениците до таа мера да живее во нас. Нашето Евхаристиско „Јас“ нѐ поистоветува со Исус зашто дејствуваме in persona Christi, да, и сме Христос во мигот на славењето на светите Таинства. Затоа никогаш да не потпаднеме во искушение на чувствата дека сме осамени зашто нас секој може да не напушти, ама Тој никогаш, бидејќи Тој е во нас и ние во Него. Свештеникот во Новиот завет е и жртва и олтар и посредник помеѓу Отецот и народот. Токму, како Христос, како единствен посредник кога се пренесува себе на олтарот на крстот. Во тој миг кога се случуваат светите Таинства во нашиот живот се остварува најголемото единство помеѓу Бога и човекот. Тој има потреба од нас од нашата личност за да може да го продолжи своето дело во светот. Друга опасност во времето во кое живееме е специфичното напуштање на свештеничката духовност. Свештеникот не е свештеник само на олтарот, туку секогаш и насекаде. Тој не е функционален Христос туку воплотен Христос. Во своето служење никогаш не смееме да ја претпоставиме нашата во Неговата личност. Нашето свештенство е трајно – вечно по чинот Мелхиседеков. Тоа што со својот живот и наука ни го говори Светиот Отец папа Фрањо многу е значајно за наше време. Тој говори дека три искушенија се погубни за свештеникот.

1) Прво е посветовњачење, кога се заборава на Исусовиот збор дека сме во светот, ама не од светот. Поистоветување за световното е прекинување на таинствените врски со Христос кој во сите околности во животот трајно е поврзан со Отецот и Светиот Дух. Дух кој не заплискува големо е искушение да се однесуваме во светот како да сме од овој свет. Не, ние сме за овој свет, ама во име Исусово.

2) Втора опасност вели Светиот Отец е нашето тежнеење за материјалната сигурност. Кога забораваме дека нашето поседување е Христос и дека секоја алчност нѐ оддалечува од Божјиот народ кој во нашите краеви и во оваа време посебно е чувствителен на алчноста на свештеникот. Нашата сигурност никогаш не е во тоа со што располагаме, туку во силата на Духот кој – според зборовите на апостолот даваме надеж за тоа во што веруваме.

3) И трето искушение, вели Папата, е чувство дека свештеникот е управител, господар, а не слуга. Миењето на нозете директно нѐ упатува на таа вистина дека сме свештеници, само толку колку сме како нашиот Учител: Не сме повикани да ни се служи туку да служиме и животот свој да го положиме за другите. Денес кога се сеќаваме на своето свештеничко ракополагање стоиме пред Исус кој е загледан со длабок поглед во нашите очи и не сака да нѐ суди и сожалува, туку да нѐ храбри и теши: јас го победив светот. Конечно, драги браќа свештеници, ние сме еден презвитериј затоа тоа свештеничко братство се става како темел на свештеничката духовност. И повторно го цитирам Светиот Отец, папата Фрањо: свештеникот не е „соло играч“. Свештеникот е човек на заедницата, бидејќи е од заедницата и за заедницата и нема по родени браќа од свештеничкото заедништво. Влегувајќи во светата Тродневница нека тоа миење на нозете ни биде на сите нас поттик дека тоа не само се навестува, туку и се случува. Во овој свет час кога пред својот бискуп ги обновувате во Бога своите свештенички ветувања молете и за мене да можам да бидам пастир, брат со браќата.

Благодарам на вашата соработка бидејќи мистичното тело на нашата месна Црква би било осакатено и оштетено да не сме заедно така цврсто поврзани околу Христос нашиот Голем Свештеник. (секое отстапување, непослух, земање работите во еднонасочност го руши братското заедништво и поврзаноста со Христос – Големиот Свештеник). „Сето тоа нѐ поттикнува на посебен чин на понизност во кој свештеникот служи со срце и ум, избегнувајќи го сето она што би можело да предизвика впечаток дека е збор за неумесен настан кој во прв план ја става неговата личност“ – препорачува блажениот папа Иван Павле II. „Нашето Евхаристиско јас е прифаќање на секојдневниот крст, прифаќање на браќата, исправување на сопствените мани и понизно признавање дека сме слуги бескорисни“ вели папа Бенедикт XVI во една од своите хомилии (спр. Sacramentum Caritatis t. 23).

Категорија: Македонија

За авторот